Се одржа првиот тематски форум на јавни библиотеки

Во четврток, на 6 ти април 2017 година, во просториите на Скопски Саем се одржа првиот тематски форум, со фокус: Јавните библиотеки одговараат на реалните потреби на заедницата. На форумот зедоа учество околу 100 учесници: претставници на различни нивоа на локалните власти, претставници од Институтот за библиотекарство и други факултети, бизнис секторот, фондации, ИТ компании, директори, библиотекари, студенти на групата библиотекарство и др.
Форумот е дел од проектот „Јавно застапување и лобирање на јавните библиотеки во Р Македонија“, иницијатива на EIFL за Балканот, во организација на Здружението за развој и иновации на библиотеки Инова Либ во соработка со Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје и Библиотечното здружение на Македонија. Целта на форумот беше да се соберат на едно место сите фактори и чинители и да се поведе дискусија за важноста на јавните библиотеки и нивните услуги кои ги поддржуваат политиките на Владата, и можности за поголемо финансирање на библиотеките преку зајакнување на соработката и воспоставување на партнерства.                                                                                
На првата сесија под едно заедничко мото Јавните библиотеки ги решаваат потребите на заедницата беа презентирани добри практики од земјата и странство. Гости на форумот беа Весна Црнковиќ, директор на библиотеката „Радислав Никчевиќ“ од Јагодина, Србија, Теодора Евтимова, директор и Силва Василева, заменик директор на библиотеката Љубен Карвелов, Русе, Бугарија кои ги презентираа проектите финансирани од ЕИФЛ, но зборуваа и за други проекти кои во континуитет ги спроведуваат во последните неколку години, но се значајни по својата иновативност и одржливост. На форумот беа презентирани и проекти кои воведуваат иновации во работењето на македонските библиотеки.


Во продолжение на форумот се одржа и интерактивна работилница на која се разви плодна дискусија. Се разговараше за проблемите со кои се соочуваат библиотеките во Македонија, за општествената улога на библиотеките и можноста  тие да станат дел од решавањето на проблемите на заедницата, за вклучувањето во стратешките планови на локалните и национални власти. Од страна на присутните беше потенцирано дека форумот е позитивно искуство и еден од првите чекори за отпочнување на дијалог меѓу сите релевантни фактори.
Со оглед на тоа што станува збор за предизвици во многу области (образование, социјална интеграција, здравство, култура, земјоделие и др., учесниците сметаат дека најпотребно е најпрвин да се идентификуваат овие предизвици, да се воспостават партнерства и да се разгледаат сите можности за вклучување на библиотеките во решавањето на одредени проблеми во заедницата.
Како резултат на конструктивните дискусии, произлегоа голем број на заклучоци и препораки од овој форум. 
 

Галерија